Самитот на ЕУ за планот за раст за регионот, кој се одржа во Тирана, Албанија, се фокусираше на интеграцијата на Западен Балкан. Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Европската унија нуди можност за побрза интеграција и реформи што не треба да се пропушти.

„Соработката е критериум за оценување на зрелоста на нашите држави преку новиот план за раст. Мораме да бидеме поподготвени од кога и да е да си помогнеме, да не ја пропуштиме оваа можност. Заедно, носиме голем потенцијал. За да ги искористиме предностите од новиот План за раст, треба да дадеме опипливи резултати“, рече Рама.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјави дека планот на Европската унија за економски раст на Западен Балкан е амбициозен и ќе овозможи удвојување на шесте балкански економии.

„Имаме целосна доверба во земјите од Западен Балкан дека ќе можат да ги добијат придобивките од овој план кој има потенцијал да ги удвои економиите на Западен Балкан во следните 10 години. Регионот ќе мора брзо да се движи сам, што значи постигнување резултати за реформите кои го прават овој план да функционира. Планот ќе функционира ако ги применувате правилата на ЕУ. Можете да станете дел од европскиот пазар и пред да бидете членки на ЕУ. Верувам дека сме на почеток на радикална и побрза промена на Западен Балкан“, рече Вархеји.

Планот на ЕУ за Западен Балкан го вклучува помош од 6 милијарди евра од 2024 до 2027 година. Но, за некоја држава да може да ги користи овие пари, ќе мора да спроведе конкретни реформи.

Прикажи повеќе