Во текот на изминатата ноќ во израелските воздушни напади низ Газа загинаа над триесет Палестинци

Најмалку 31 Палестинец загинаа во израелските воздушни напади во текот на ноќта врз области низ Појасот Газа, додека разорниот напад влегува во својот 88-ми ден.

Официјалната палестинска новинска агенција „Вафа“ во вторникот соопшти дека во серија израелски воздушни напади врз станбени области во градот Деир ал Балах, во централниот дел на Појасот Газа, загинале 22 палестински цивили, од кои повеќето жени и деца, пренесува агенцијата Анадолу.

Уште еден израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Нусејрат, во централниот дел на Појасот Газа, исто така остави неколку жртви меѓу цивилите.

Во други израелски воздушни напади врз области во градот Кан Јунис, јужно од опколената енклава, загинаа најмалку девет Палестинци.

Израел го нападна Појасот Газа по прекуграничен напад на палестинската група Хамас на 7 октомври, при што според локалните здравствени власти загинаа речиси 22.000 Палестинци, главно жени и деца, а беа повредени повеќе од 57.000 други.

Се верува дека околу 1.200 Израелци биле убиени во нападот на Хамас на 7 октомври.

До 1,9 милиони луѓе, или над 85 отсто од населението, се раселени низ Појасот Газа, според агенцијата на ОН за палестински бегалци.

Д. Т.