Од почетокот на годината, заклучно со петок, 1 март, вкупно 120 случаи на голема кашлица се регистрирани на територија на Скопје, изјави за МИА доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.

На Универзитетска Клиника за детски болести во главниот град, моментално има само едно дете со голема кашлица. Станува збор за доенче од Куманово, примено на скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна, потврди за МИА професор Светлана Кочева од Клиниката за детски болести.

Комисијата за заразни болести ќе има состанок утре од 12 часот, ќе се расправа за состојбите во државата, а меѓу темите се и големата кашлица и грипот.

Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје за големата кашлица, се наведува дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

На 28 февруари, министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски изјави дека при контролите за вакцинација во градинките, поради епидемијата со голема кашлица, не се констатирани прекршоци.

На 15 февруари, министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири беше прашан за неговиот став за состојбата со пертусисот.

Според него, не би требало да се вратат во градинка, децата кои се невакцинирани.

Прво треба да се вакцинираат, па после да се вратат. Мислам дека тоа беше еден од критериумите и препорака од Комисијата за заразни болести. Сите деца кои се вакцинирани треба да одат во градинка. Тие кои не се вакцинирани, треба да ги прашате нивните родители како ќе го организираат чувањето на детето, одговори Демири на новинарско прашање.

По препораката за проласување на епидемија на голема кашлица во Скопје вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје работат во две смени, до 19:30 часот. Во изминатиот период беше зголемен бројот на децата кои се вакцнираат, па во пунктовите се чекаше и до половина час.

Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.

Големата кашлица воопшто не е слична на обичната кашлица. Пчнува со симптоми на обична настинка, но ќе почне кашлицата, во напади, таа кашлица е нешто што може да го смисли само режисер на хорор филм. Тоа е толку драматично, толку страшно, толку тажно, толку потресно, да се биде сведок на таков вид кашлање. Детето има такви напади на кашлање, што не може да земе здив, тука се ризиците и живот да изгуби поради задушување. Тоа е такво кашлање, ќе го употребам терминот, рикање, магарешко рикање. Затоа и се нарекува магарешка кашлица. За мене не е хумано родителот кој одбива да го вакцинира детето, со месеци да гледа како се мачи“, изјави во едно гостување на дневникот на Сител телевизија епидемилогот проф. д-р Драган Даниловски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.