По шест десетлетија, исчезнато американско девојче познато како „Малата госпоѓица Никоја“ (Little Miss Nobody) конечно доби име. Канцеларијата на шерифот на Округот Јавапај, Аризона, САД, одржа прес-конференција на којашто објави дека со ДНК-технологија, го идентификувале претходно непознатото девојче, чии останки се пронајдени во пустината во Аризона, 1960 година. Нејзиното име било Шерон Ли Галегос.

– Во 1960, луѓето немаа поим за каква било ДНК-технологија. Тие дури и не знаеја како да го наречат тоа. Не постоеше. Но, некако, на некој начин, тие направија доволно истрага за да ги зачуваат, документираат – да се запомнат и сочуваат сите оние работи што ни требаа за еден ден да може да дојдеме до оваа точка, рече шерифот Дејвид Роудс.

Внукот на Галегос, Реј Чавез присуствуваше на прес-конференцијата за да сподели дека приказната за исчезнувањето на неговата тетка е нешто со коешто тој израснал во неговото семејство.

Галегос била наводно киднапирана на 21 јули 1960, додека си играла со уште две деца во Аламогордо, Ново Мексико. Таа имала 4 години, а мртвото тело е најдено 10 дена подоцна. Наводните киднапери никогаш не се најдени, соопштија властите.