Трет ден по ред беснеат конфликти во Судан. Ниту армијата ниту паравоените сили на генералот Мохамед Хамдан Дагл не успеваат да извојуваат победа и покрај борбите во кои загинаа речиси стотина луѓе, меѓу кои и тројца хуманитарни работници на ОН. Двете страни вчера објавија дека го прифаќаат барањето на ОН за воведување тричасовна „хуманитарна пауза“ за да се овозможи евакуација на повредените, но засега не се знае колку точно се придржувале до договорениот прекин на огнот, пишува Би-би-си.

Advertisements

Лекарите предупредиле дека ситуацијата во болниците во Картум е исклучително тешка и дека поради конфликтот медицинските работници тешко доаѓаат до ранетите. Според лекарскиот синдикат, досега загинале речиси 100 лица, а над 1.000 се повредени.

Централниот комитет на суданските лекари извести дека се убиени 97 цивили и десетици припадници на безбедносните сили. Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека досега во конфликтот загинале повеќе од 83 лица, а околу 1.100 се повредени.

„Уплашени сме, 24 часа не сме спиеле поради буката и потресите на куќата. Загрижени сме дека ќе останеме без вода и храна, како и лекови за татко ми дијабетичар“, вели Худа, жител од Картум, за Ројтерс.

Од саботата, воздушните напади, артилерискиот оган, уличните борби со автоматско оружје и тешките митралези не им даваат мир на жителите на Картум, кои останаа без вода и струја. Борбите се најжестоки во главниот град и во Дарфур, на запад.