„Војна за сино небо“: Доколку не се преземат мерки, бројот на починати ќе почне да расте

Кинеските градови не ги почитуваат националните стандарди против загадениот воздух – доколку не се преземат мерки побрзо, бројот на смртни случаи од загадениот воздух ќе почне да расте, пишува Гардијан.

Во 2005 година, пишува Гардијан, Пекинг беше оценет како светски град на смогот. Загриженоста за загадувањето на воздухот и здравјето на спортистите ги засени подготовките за Олимписките игри во 2008 година и бараше затворање на индустријата и сообраќајот за да се прочисти воздухот за време на самиот настан.

Сега тим од истражувачи од кинески, германски и канадски универзитети ги истражуваше последиците од влошувањето на воздухот во тој момент. Тие откриле дека бројот на смртни случаи од загадување со честички во Кина се зголемил за околу 213.000 годишно, достигнувајќи го врвот од 2,6 милиони луѓе во 2005 година.

Попозитивно е што било забележано влијанието на брзото подобрување на загадениот воздух во Кина, при што бројот на смртни случаи се намалува за 59.000 годишно од 2013 до 2019 година. Загадувањето на воздухот во Кина е сè уште многу полошо отколку во повеќето развиени земји. Во текот на 2019 година, околу половина од кинеските градови не ги исполнија ниту сопствените национални стандарди, а камоли оние на Светската здравствена организација.

Кина сега има сеопфатни планови за борба против загадувањето на воздухот со цел да победи во она што владата го нарекува „војна за сино небо“. Со големи инвестиции во обновлива енергија и идни цели за декарбонизација, на прв поглед изгледа дека Кина тргна кон подобро.

Сепак, истражувањето содржи и предупредување. Без брза акција, бројот на жртвите од загадениот воздух во Кина наскоро ќе почне да расте. Ова се должи на растечката старост на населението со придружни ранливости кои се јавуваат во подоцнежните години.

Високо загадување во земјите од ЕУ, подготовка на нови законски таргети за намалување на загадувањето

Размерите на предизвикот се јасни во најновото истражување. Се проценува дека бројот на смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот во Кина ќе се зголемува за помеѓу 116.000 и 181.000 годишно од 2030 до 2060 година, и покрај континуираните подобрувања во загадувањето со честички и подобрената здравствена заштита.

Во Велика Британија се предвидува дека ефектот од стареењето на населението ќе ги намали ефектите од мерките за намалување на загадувањето на воздухот, но прелиминарните истражувања од 2022 година покажуваат дека тоа нема целосно да го надмине нивниот ефект. Испитаниците на Гардијан велат дека индиското население старее, но ќе бидат потребни 20 години за да се достигне возраста на која денес е Кина.

Некои источноевропски земји, како што се Бугарија и Полска, се силно загадени и имаат постаро население од Кина. Ова е особено важно бидејќи владите на ЕУ ги финализираат новите законски цели за загадувањето на воздухот.

Г. Т.