Неколку згради се оштетени во напад со беспилотни летала, кој рано утринава се случи во Москва. Штетата предизвикана од нападот, како што соопшти градоначалнкикот на руската престолнина Сергеј Собјанин, е мала, а никој од жителите на нападнатите објекти не е сериозно повреден. Жителите од зградите се евакуирани.

„Според информациите од медицинските служби на градот, во моментов никој од жителите на објектите оштетени од дроновите не е тешко повреден. Две лица побарале лекарска помош, но никој нема потреба од хоспитализација. Потребната медицинска помош е укажана на самото место“, соопшти градоначалникот на Москва, Собјанин.

Московскиот градоначалник, во објавата на својот канал на Телеграм, додаде дека сите служби за итни случаи во градот се на местото на инцидентот и ги испитуваат околностите за нападот.

Засега не е јасно од каде дошле беспилотните летала.

Би-би-си, повикувајќи се на објави на неколку руски канали на Телеграм, објави дека од четири до 10 беспилотни летала биле соборени на периферијата на Москва и нејзината околина.

Украина засега не се произнесе во врска со нападите на Москва.

За напад со дронови, кој се случил рано утринава, на околу час и пол по полноќ, објави и официјален Киев. Градската воена управа на Киев на својот канал на Телеграм објави дека украинската престолнина била нападната со повеќе од 20 дронови, а нападот, како што соопштија, бил масовен и доаѓал од различни страни.