Александар Влахо поднесе оставка на позицијата шеф на стручниот штаб во ФК Работнички. По 11 месеци на кормилото на сениорскиот тим, тој одлучи да се повлече по резултатите во последните неколку кола.

– По долго размислување, а со цел да се извлече заедничко добро и за мене и за тимот, донесов одлука да се повлечам од позицијата шеф на стручниот штаб на Работнички. Поминав прекрасни 11 месеци во клубот, чиј пријател и голем навивач ќе останам и во иднина. Сега е време да се посветам на мојот следен проект кој го подготвувам подолг период. Би сакал да се заблагодарам за одличната соработка и за поддршката на раководството на ФК Работнички, сите мои соработници и пред се на фудбалерите. Им посакувам добро здравје и успеси во иднина и искрено се надевам дека Работнички ќе успее да го најде патот за враќање на европската сцена, изјави Александар Влахо.

ФК Работнички му се заблагодарува на Александар Влахо за посветената работа и за максимално вложениот труд.

– Би сакал да му се заблагодарам на Александар Влахо за посветеноста и напорната работа во ФК Работнички. Клубот му посакува се најдобро во понатамошната кариера. Во наредните денови ќе биде нaзначен нов шеф на стручниот штаб, изјави претседателот на ФК Работнички, Драган Поповски.

По 13 кола во Првата македонска фудбалска лига, Работнички е седми на табелата со 18 освоени бодови.