Актерот и политичар Арнолд Шварценегер доживеа сообраќајна несреќа во Лос Анџелес, потврди неговиот портпарол.

Локалната полиција соопшти дека четири возила се судриле на раскрсница во Брентвуд и оти едно лице е повредено.

На фотографиите од местото на настанот се гледа теренец кој се судрил со уште најмалку две возила, а на сликата се гледа како Шварценегер стои во близина. Неговиот портпарол потврди дека Шварценегер бил зад воланот на теренецот во моментот на несреќата.

Засега никој не е приведен, а полицијата соопшти дека никој од учесниците не бил под дејство на дрога или алкохол.

Според полицискиот извештај до кој дојде Си-Би-Ес, возачот на теренецот се наоѓал во близина на раскрсницата на булеварот Сансет и авенијата Аленфорд кога се судрил со црвен „приус“ кој во тој момент вртел на крстопатот. Во судирот се оштетени уште две возила, од кои едното е Порше.

Сведоците велат дека сцената изгледала „лудо“, како некоја сцена од акционен филм.

Возачот на приусот, кој бил повреден, со возило на Брза помош е пренесен во болница, но не е во животна опасност. Портпаролот на Шварценегер изјави дека актерот не е повреден и дека на лице место разговарал со припадниците на итната помош и со повредениот.

Полицијата започна истрага за околностите на несреќата.