(ВИДЕО) „Полиграф“: Кој дезинформира дека во Македонија немало и нема руско влијание?

И покрај многу истражувања и докази за несомнено руско влијание во земјава, некои политичари и новинари тврдат дека такво влијание немало и нема.

На пример, на 23 февруари 2024, такво непоткрепено тврдење изнесе поранешниот министер и амбасадор, Марјан Ѓорчев,  во подкастот „Политиканти“.

„На пример, во Македонија мене ме чуди кога некој ќе збори за руско влијание. Луѓе, никогаш Русија во Македонија немала влијание.“, изјави Ѓорчев.

И во колумна на Бранко Героски од 27 февруари 2024, авторот пишува за „болната вистина дека приказната за руското влијание во нашата земја е лажна вест…“.

Но, овие тврдења ги побиваат повеќе истражувања, кои констатираат несомнено руско влијание во земјава. На пример, во истражувањето на Метаморфозис за „Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија“, се вели дека  „руското влијание во земјата беше оценето како најсилно од сите странски влијанија“.

Освен тоа, истражувачите на дезинформации од ИМА укажуваа на повеќе проруски дезинформациски кампањи, во 2018 година за референдумот, за Ковид пандемијата, за пописот во 2021 година, како и за време на дебатите за „Францускиот предлог“ и уставните измени во 2022 и 2023 година.

И ЕУ констатира енормна кампања со дезинформации од страна на Русија по агресијата врз Украина. Во јануари 2024, на заедничка конференција со министерот за надворешни работи Османи на тема дезинформации, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Борел посочи повеќе примери на руски дезинформации, особено преку руските канали Спутник и РТ, забранети во ЕУ. Борел укажа дека ЕУ се бори против индустријата на лаги и дезинформации не само во ЕУ, туку „насекаде, вон Европската Унија, како во Македонија“.

И високи државни функционери од земјава повеќе пати изјавиле дека Русија користи кампањи со дезинформации и други хибридни закани во Македонија. За тоа зборуваше и министерот за надворешни работи Османи во изјава за Еуроњуз во јануари 2024 година. Претходно, претседателот Пендаровски во јуни 2023 година укажа дека имаше руско влијание „и при упадот на 27 април“ „и во бизнис заедницата на високи позиции…, во политички партии има луѓе кои се врзани со руските служби, и тоа не од сега“.

Ова е само дел од бројните истражувања, анализи, докази и официјални изјави за руското влијание во Македонија. Затоа, ставовите дека руското влијание во нашата земја е лажна вест и дека „никогаш Русија во Македонија немала влијание“, може да се оценат како дезинформации.

Извор:СМК