Најмалку 12 лица загинале кога бурата Киаран ја зафатила западна Европа со рекордни ветрови и јачина до 200 километри на час, што предизвикало сообраќаен хаос бидејќи пристаништата беа затворени, а возовите и авионите откажани.

Три лица загинале во Тоскана, соопштија во петокот италијанските власти, наведувајќи дека е прогласена вонредна состојба поради рекордните врнежи. Гувернерот на Тоскана, Еугенио Џани изјави дека меѓу тројцата загинати има и 85-годишен старец кој бил пронајден удавен во својот дом.

„Она што се случи вечерва во Тоскана има име: климатски промени“, напиша тој на мрежата Х.

Градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела изјави дека „ситуацијата е критична“ во тој град.

Италијанската цивилна одбрана соопшти дека за три часа паднале 200 милиметри дожд, од крајбрежниот град Ливорно до внатрешноста на долината Муџело, што предизвикало излевање на речните брегови.

Дрвата соборени од бурните ветрови предизвикаа најголем дел од смртните случаи во Европа. Во белгискиот град Гент, петгодишно момче од Украина и 64-годишна жена загинаа од паѓање на гранки.

Паднатите дрвја претходно усмртија возач на камион во регионот Аин во северна Франција. Француските власти објавија и смрт на маж кој паднал од својот балкон во пристанишниот град Авро. Починале и маж во холандскиот град Венрај, жена во центарот на Мадрид и лице во Германија.