Актуелниот светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен, се соочува со казна од ФИА во пресрет на трката за Големата награда на Белгија, која ќе се вози на легендарната патека „Спа Франкошамп“.

Оваа трка е исклучително важна за Верстапен кој по потекло е половина Белгиец, но денес неговиот тим официјално соопшти дека тој ќе добие казна од ФИА поради одлуката на Ред Бул уште еднаш да го смени менувачот во неговиот болид.

Пропозициите на ФИА велат дека секој тим има право да го смени менувачот максимум четири пати, но ова за Ред Бул ќе биде петти пат сезонава. Оваа година Верстапен имаше многу проблеми со менувачите, па затоа не треба да нè зачуди тоа што тимот се реши на овој чекор. Со оглед на конфигурацијата на патеката во Белгија, овој потег е логичен, но подразбира казна од пет места подолу во главната трка на „Спа“.

Во секој случај, Макс Верстапен и Ред Бул имаат историска сезона и можно е за првпат во историјата да видиме како еден тим победува буквално на секоја трка во Формула 1 календарот.

Прикажи повеќе