Валенса: Полска да не беше во НАТО сега ќе бевме во војна со Русија

Поранешниот полски претседател Лех Валенса оцени дека Полска денеска би била во војна со Русија доколку не влезеше во НАТО.

-Дефинитивно би имале војна меѓу Русија и Полска. Тоа е јасно. Само не знам како тогаш би реагирала Украина, изјави Валенса во интервју за агенцијата ПАП по повод 25-годишнината од приемот на Полска во НАТО.

Зборувајќи за идејата за влез на Полска во НАТО, а потоа и за пристапните преговори, тој изјави дека имаше големи тешкотии и дека „Советскиот Сојуз не сакаше да не пушти, а Западот не сакаше да не прифати“.

На прашањето како Полска и НАТО треба да се справат со заканите на источната граница, поранешниот претседател рече дека е потребно помалку сила, а повеќе мир.

-Ни треба поедноставна пропаганда која ќе го убеди секој Русин дека се работи за него. Дека се бориме тие да живеат во мир и спокојство – и тогаш и ние ќе живееме во мир и спокојство доколку нè послушаат и го сменат политичкиот систем.