Луѓето вакцинирани против Ковид-19 најверојатно нема да умрат од болеста, освен ако не се многу стари или веќе сериозно болни пред инфекцијата, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено во Италија.

Студија на Националниот институт за здравство (ISS), како дел од редовниот извештај на ISS за смртни случаи од ковид-19, покажува дека просечната возраст на оние што починале и покрај вакцинирањето е 85 години. Во просек, тие имаа пет постоечки болести.

Просечната возраст на смртни случаи без вакцинирање беше 78 години, со четири веќе постоечки состојби.

Меѓу починатите кои беа вакцинирани, повеќето беа случаи на проблеми со срцето, деменција и рак.

Анализата, спроведена од 1 февруари до 5 октомври оваа година, ја испитуваше медицинската евиденција на 671 невакцинирани лица, кои починаа од ковид-19 и 171 целосно вакцинирани лица.

Во набудуваниот период, имаше 38.096 жртви на ковид во Италија.

Меѓу нив, 33.620 биле невакцинирани, 2.130 добиле само една доза, или се заразиле кратко време по инокулацијата и пред производството на антитела, а 1.440 биле целосно вакцинирани.

Италија ја постигна целта за целосно вакцинирање на 80 проценти од населението над 12 години во октомври, праг што Владата го утврди како значајно ниво на безбедност против вирусот.

И покрај постигнувањето на целта, владата воведе задолжителни пропусници за здравствена заштита од ковид-вирус за сите работници од 15 октомври.

Овој потег предизвика протести, повремено насилни во неколку градови, вклучувајќи го и главниот град Рим.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.