Бугарија планира да се откаже од контроверзната такса за транзит на руски гас низ нејзината територија, со цел да ги подобри односите со членките на Европската Унија и да се приклучи кон Шенген-зоната, објави Блумберг.

Потегот на бугарската влада во октомври да наметне давачка за намалување на профитот на руската компанија „Газпром“, предизвика загриженост за високите цени и прекините на снабдувањето низ југоисточна Европа. Иако Бугарија допрва треба да наплати какви било плаќања од клиентите на нејзиниот мрежен оператор, унгарските власти тоа го нарекоа непријателски чекор и повикаа на истрага на ЕУ за одлуката.

Бугарија ќе го измени законодавството за да го укине данокот додека не најде пристап на ниво на ЕУ за негово спроведување, изјавија за новинарите во понеделникот Бојко Борисов и Кирил Петков, двајцата поранешни премиери, а сега лидери на двете најголеми партии во земјата, пишува Блумберг.

Лидерите на партиите зборуваа пред министрите за внатрешни работи на земјите од Централна и Источна Европа да се состанат доцна во понеделникот во Словенија за да разговараат за Шенген-зоната и борбата против илегалната миграција. Во неделата Австрија ја претстави идејата делумно да го укине своето вето за Бугарија и соседна Романија дозволувајќи отворен пристап по воздушен пат под услов двете земји да прифатат екстрадирани баратели на азил.

„Не смееме да ја пропуштиме оваа шанса поради такса. Добрососедските односи секогаш ни биле многу важни“, изјавил Борисов.

Софија долги години бара да се приклучи на Шенген-зоната, но за одлуката е потребно одобрение од сите членки на ЕУ. Холандија и Австрија не сакаа да ја прифатат Бугарија наведувајќи ги нејзините проблеми со владеењето на правото и граничната контрола.