Борел: Хамас не може да го претставува палестинскиот народ, создавањето две држави единствено решение за траен мир

Со неселективниот напад на 7 октомври минатата година Хамас целосно се дисквалификува себеси и оваа криминална група не може да го претставува палестинскиот народ, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, по повод шест месеци од нападот на исламистичкото движење врз Израел.

-Ужасот од терористичкиот напад на Хамас врз Израел, со масакрот врз 1.200 Израелци и киднапирањето на стотици други, го шокираше светот и го втурна регионот во хуманитарна и политичка трагедија. Каде стоиме шест месеци подоцна?, наведе Борел во објава на Икс.

Борел посочува дека го поддржува ставот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во изразувањето на „целосната осуда на бруталноста што не може да се оправда со ниту една причина“.

-Израелскиот народ го има нашето најдлабоко сочувство. Израел има право да се брани, со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право. ЕУ постојано бараше безусловно ослободување на сите заложници. Во оваа трагедија, цивилите ја плаќаат највисоката цена, додава во Борел.

Тој натаму во објавата потсетува дека ЕУ повика на итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот и отстранување на сите пречки за доставување на хуманитарна помош, со цел да се намали страдањето на цивилите во Газа и да се избегне нивното гладување

-Цивилите не смеат да бидат предмет на колективна казна, порача високиот претставник на ЕУ.

Борел истакнува дека ЕУ бараме спроведување на Резолуцијата 2728 на Советот за безбедност на Обединетите нации, потенцирајќи дека Унијата продолжува да обезбедува помош за Газа, вклучително и преку Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) и дека четирикратно ја зголеми хуманитарната помош за Палестинците.

-Апелираме уште еднаш за безбеден пристап и заштита на хуманитарните работници. Убиството на седум членови на персоналот на Светска централна кујна (ВЦК) од страна на Израелските одбранбени сили минатата недела доведе до невиден број загинати – речиси 200 хуманитарни работници и над 32.000 Палестинци, истакнува Борел.

Притоа тој им изразува сочувство на сите хуманитарни организации, вклучително и на ОН и УНРВА им, кои во конфликтот загубија над 150 членови на нивниот персонал.

-Откако заложниците ќе бидат ослободени и ќе се постигне прекин на огнот, мора веднаш да се воспостави политичка транзиција. Решението со две држави е единствениот начин да се постигне траен мир. ЕУ е подготвена да поддржи ефективно решение, чекор по чекор, во соработка со целата меѓународна заедница, додава Борел во објавата.