Во болница во Париз се тестираат „социјално асистивни“ роботи како дел од ново фасцинантно истражување.

Развиени од шкотскиот тим за вештачка интелигенција од Универзитетот „Хериот-Ват“ во Единбург, роботите за здравствена заштита извршуваат рутински задачи и комуницираат со постари пациенти.

Роботите беа дел од испитувањето на Националниот роботариум на Универзитетот „Хериот-Ват“, а експериментите беа овозможени со развојот на технологијата за големи јазични модели кои им кажуваат на роботите како да водат природни и течни разговори.

Резултатите покажуваат дека роботите можат да се вклучат во социјални интеракции преку поздравување на пациентите, одговарање на прашања и обезбедување насоки, како и помагање во работата на членовите на човечкиот персонал. Покрај тоа, тие можат истовремено да разговараат со повеќе луѓе, следејќи го дијалогот помеѓу неколку поединци.

– Изгледите роботите беспрекорно да соработуваат со болничкиот персонал за да го подобрат искуството на пациентот сега е поблиску до реалноста. Првичните испитувања во болницата покажаа способност роботот ефикасно да разговара со пациентите. Веруваме дека овој проект ќе означи значајна пресвртница во развојот на интерактивната роботика и горди сме на нејзините достигнувања, а истовремено ги препознаваме возбудливите предизвици што претстојат – објаснува Оливер Лемон, професор по вештачка интелигенција и еден од водачите во Националниот роботариум.

За време на тестирањето роботите извршувале едноставни и повторувачки задачи, што помогнало да се намали физичкиот контакт помеѓу лекарите и пациентите. Повратните информации од тестирањето покажуваат дека користењето ваков робот може да го намали ризикот од пренос на инфекција, а истовремено да ја зголеми продуктивноста на медицинските сестри и лекарите.

Извор: Interestingengineering.com

Фото: Heriot Watt