Блинкен: Хамас треба да се согласи за прекин на огнот

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен соопшти денеска дека палестинската милитантна група Хамас треба да се согласи за прекин на огнот што ќе овозможи да се достави повеќе хуманитарна помош во Појасот Газа и што ќе го отвори патот за разговори за „трајно решение на конфликтот“.

Тој пред средбата со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека Вашингтон и натаму инсистира на прекин на огнот.

„Сè зависи од Хамас. Прашањето е дали Хамас ќе одлучи или не за прекин на огнот што ќе биде од корист за сите. Топката е на нивен терен. Интензивно работиме за прекин на огнот, а ќе видиме што тие ќе изберат“, изјави Блинкен.

Претставниците на Хамас вчера поради консултации ги напуштија разговорите за прекин на огнот во Каиро.

Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за непостоење договор кој ќе бара од Хамас да ослободи некои од заложниците што ги држи во замена за 40-дневно примирје.