Откако ги лансираа своите вакцини против Ковид -19, BioNTech и Moderna напорно работат на верзии кои ќе ги опфатат сите нови варијанти на коронавирусот.

Откако на виделина излегоа информации за нова варијанта на коронавирусот, која во меѓувреме го доби името омикрон, двете фармацевтски компании почнаа да работат.

Тие рекоа дека веќе работат на прилагодување на постоечките вакцини против варијантата омикрон и дека новата верзија на вакцината би можела да биде достапна во рок од 100 дена. Секако, доколку се појави потреба, односно доколку се покаже дека постоечките вакцини не се доволно ефикасни против новата варијанта.

Двете компании најавија дека во следните неколку недели ќе биде јасно дали треба да се работи на нова варијанта на вакцината или постоечката ќе обезбеди доволна заштита. Но, според BioNTech, стандардната процедура е веднаш да се започне со развој на ажурирана верзија на вакцината и тестирање на ефективноста на постоечката вакцина на новата варијанта на коронавирус за да не се „губи време“.

Johnson & Johnson исто така ја анализира ефикасноста на својата вакцина против омикрон, и истовремено работи на специфична вакцина за таа варијанта.

Почнавме да работиме на дизајн и развој на нова вакцина за омикрон и доколку е потребно брзо ќе започнеме со клинички испитувања, изјави Матаи Мамен, директор за развој во таа фармацевтска компанија.

На Moderna може ќе и требаат неколку месеци за да почне да испорачува вакцина која делува против варијантата омикрон, изјави извршниот директор Стефан Бансел за CNBC, додека Русија е убедена дека нејзината вакцина Спутник В е ефикасна против новата варијанта, инаку е подготвена да произведе стотици милиони засилувачки дози.

Бансел во интервју за CNBC изјави дека сè уште не е позната ефикасноста на вакцината против таа варијанта и дека треба да се знае повеќе за околу две недели.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.