Бајден вели дека САД се „посветени“ на безбедноста на Израел и другите регионални партнери

Американскиот претседател Џо Бајден за првпат јавно се осврна на нападот на Иран против Израел во текот на викендот, велејќи дека останува фокусиран на безбедноста на Израел и постигнување примирје и договор за заложници додека работи на спречување конфликтот да се прелее во поширока регионална војна.

– САД се посветени на безбедноста на Израел. Ние сме посветени на прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома и ќе спречи ширење на конфликтот, рече Бајден во Белата куќа.

Американскиот претседател ова го изјави на почетокот на средбата со ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани во Овалната соба, а пренесува МИА, во услови на тековната тензија во регионот и загриженоста за американските сили.

– Ние сме исто така посветени на безбедноста на нашиот персонал и партнерите во регионот, вклучително и Ирак. Партнерството меѓу Ирак и Соединетите Држави е критично, ја пренесува Си-Ен-Ен изјавата на Бајден.