Кошаркарите на Атланта на свој терен убедливо го совладаа Вашингтон со 134-116 и со тоа обезбедија пласман во баражот. Хоукси го забележаа третиот последователен триумф и со скор 41-39 се осми на табелата во Источната конференција, на два меча пред крајот на лигашкиот дел од натпреварувањето, додека Визардси се 12. со скор 34-46.

Advertisements

Тре Јанг беше најефикасен кај Атланта со 25 поени и 16 асистенции, а Џон Колинс го следеше со 23. Во поразениот тим Даниел Гафорд имаше 25 поени, а Џони Дејвис додаде 20 поени.

Во Тексас, кошаркарите на Далас запишаа важна победа против Сакраменто 123-119 во борбата за место во плеј-офот. Мавси ја прекинаа серијата од три порази и моментално се изедначени на десеттото место на Западот со Оклахома со 38-42, а „кралевите“ се трети со 48-32. Одлична партија, особено во последниот дел, пружи Кајри Ирвинг, кој мечот го заврши со 31 поен, додека Лука Дончиќ помогна со 29 поени, 10 скока и 6 асистенции. Во тимот од главниот град на Калифорнија најдобар беше Дијарон Фокс со 28 поени.

Во градското дерби, Лос Анџелес Клиперс беа подобри од Лејкерси со 125-118 за прекин на серијата на гостите од четири победи. Со учинок од 42-38, Клиперси се шести во Западната конференција и се на прагот на пласман во плеј-офот, додека Лејкерси се осми со 41-39 и најверојатно ќе завршат во баражот.

Мемфис Гризлис беше поразен од Њу Орлеанс со 138-131 и сега е јасно дека Денвер Нагетс за првпат во историјата ќе влезе во плеј-офот од првата позиција на Западната конференција./Gol.mk/