Српската полиција соопшти дека во рамките на акцијата „Армагедон“ вчера биле уапсени 12 осомничени за педофилија и поседување содржини со детска порнографија.

Advertisements

„Осомничените се уапсени за постоење основан сомнеж дека извршиле кривични дела набавка, прикажување и поседување порнографски материјал со детска порнографија, искористување малолетници за порнографија и сексуално вознемирување. Уапсени се П. Р. (47) од Вршац, С. И. (44) од Белград, Д. Ф. (51) од Бечеј, П. Г. (45) од Ада, Л. Р. (62) од Бачка Топола, Ј. С. (51) од Прокупље, С. В. (62) од Велико Градиште, Е. Г. (48), В. Д. (34), С. П. (34) од Нови Сад, У. С. (34) од Шабац и Д. М. (49) од Крагуевац“, соопшти полицијата.

Сомнежите се дека тие подолго време преку интернет преземале, снимале на уреди и споделувале содржини направени со искористување деца во порнографски цели. Исто така, полицијата се сомнева дека тие преку социјалните мрежи и мобилни апликации стапувале во контакт со деца и од нив набавувале содржини направени со искористување деца за порнографија, соопшти српската полиција.

„Осомничени се дека договарале и оствариле средби со малолетници со цел стапување во сексуални односи. На осомничените им е одредено задржување до 48 часа и тие, со кривична пријава, ќе бидат изнесени пред надлежното обвинителство“, соопшти српското министерство за внатрешни работи.