Австралија ги демантираше информациите дека Јапонија ќе стане членка на АУКУС

Австралија денеска ги демантираше извештаите дека Јапонија наскоро ќе се приклучи на одбранбената алијанса АУКУС, која ги вклучува Австралија, Велика Британија и САД.

Австралиските власти соопштија дека секоја соработка со земји кои не се членки на асоцијацијата ќе биде само на индивидуални проекти.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе рече дека Јапонија е близок партнер на АУКУС, но истакна дека нема планови за прием на четврта членка во сојузот. Албанезе ова го изјави на прес-конференција неколку часа откако министрите за одбрана на земјите од АУКУС изјавија дека ќе ја разгледаат соработката со Јапонија за воено-технолошки проекти.

Албанезе појасни дека се работи за соработка на конкретни проекти и оти Јапонија е природен кандидат за таква соработка со АУКУС. Тој беше категоричен дека не се планира прифаќање на нов член во сојузот.

АУКУС го основаа Австралија, Велика Британија и САД во 2021 година.