Црна Гора вчера вечер затвори три преговарачки поглавја, со што двојно го зголеми бројот на затворени поглавја во пристапните преговори кои беа отворени во 2012 година.

На меѓувладината конференција за пристапување, Црна Гора ги затвори преговорите во три поглавја – право за интелектуална сопственост, информатичко општество и медиуми и претприемништво и индустриска политика.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на прес-конференцијата изрази надеж дека Црна Гора ќе успее да ги затвори сите преостанати поглавја во следните две години.

Ова е голем потег за Црна Гора со оглед на тоа што досега затвори само три поглавја, а последното беше затворено уште во јуни 2017 година. Црна Гора аплицираше за членство во ЕУ уште во 2008 година, а пристапните преговори ги отвори во јуни 2012 година. Досега ги отвори сите преговарачки поглавја, а од вчера има вкупно шест затворени поглавја.

Комесарката за проширување Марта Кос вети поддршка во напорите за затворање на преостанатите поглавја. „Денешната меѓувладина конференција е доказ дека проширувањето е процес заснован на заслуги“, рече Кос.

За затворање технички беше подготвено уште едно поглавје, Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, но Хрватска одби да се согласи со тоа.

Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман изјави дека ова не е блокада и дека Хрватска силно ја поддржува Црна Гора сите овие години, од моментот кога ги започна преговорите со ЕУ. Но, има одредени прашања кои не се од билатерален карактер, хуманитарни и цивилизациски прашања, кои се универзални, додаде хрватскиот министер.

Минатиот месец Хрватска испрати нон-пејпер (неформален дипломатски документ) до Црна Гора, во кој бара решавање на неколку отворени прашања кои ги нарушуваат меѓусебните односи на двете земји. Во тој документ, според дипломатски извори, се наведува дека двете земји треба да ги решат прашањата за сопственоста на училишниот брод Јадран, меѓусебната демаркација, гонењето на воените злосторства, потрагата по исчезнати лица, како и прашањето за името на градскиот базен во Котор, кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, за кого Хрватска тврди дека бил чувар во логорот Морињ.

Текстот Црна Гора затвори три поглавја од преговорите со ЕУ е превземен од МАКФАКС.