Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на денешната посета на Кијив им предаде 50 нови возила финансирани од ЕУ на Националната полиција на Украина (НПУ) и Канцеларијата на јавниот обвинител (ОПГ) на Украина. Возилата ќе се користат за поддршка на истрагата и гонењето на воените злосторства во деокупираните територии и соседните области. Испораката е дел од големиот пакет поддршка на ЕУ за украинските власти за да одговорат на потребите поврзани со јавните услуги во средини со висок ризик, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Таа нагласи дека „Европската унија продолжува да стои покрај Украина. Денес, чест ми е да ги предадам овие возила на Националната полиција на Украина и на Канцеларијата на јавниот обвинител. Тие ќе им помогнат на властите да ги стабилизираат териториите што украинските вооружени сили храбро ги ослободија од нелегалната руска окупација. Оваа испорака доаѓа набргу откако ЕУ обезбеди модерна машина за расчистување мини. Со оваа опрема, ние ја поддржуваме Украина во овозможувањето на деокупираното земјиште повторно да биде безбедно“.
Glad to hand over 50 new vehicles funded by the EU to the Ukrainian police.
They will help them in their daily work.
To bring security and stability in the territories liberated by the brave Ukrainian Armed Forces, and support the population.
This is EU solidarity in action. pic.twitter.com/lnEpNWI82V
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) February 24, 2024
Триесет од возилата се наменети за украинската полиција и 20 за ОПГ. Оваа набавка се спроведува во рамките на проектот „Интегриран механизам за одговор за Украина“, кофинансиран од Европската унија и германското Федерално Министерство за надворешни работи.
Целокупната поддршка во рамките на овој проект вклучува опрема за деминирање за украинските државни служби за вонредни состојби и генератори од сите големини за справување со недостигот на енергија предизвикан од руските напади врз цивилната инфраструктура. Буџетот на пакетот за поддршка изнесува околу 19,9 милиони евра, од кои Европската комисија учествува со 18 милиони евра, а Германија со 1,9 милиони евра.
Европската унија демонстрираше невидено единство во осудувањето на дејствијата на Русија и во обезбедувањето решителна поддршка на Украина. Досега, ЕУ, нејзините земји-членки и европските финансиски институции заедно обезбедија широка поддршка за Украина и нејзиниот народ, во износ од над 88 милијарди евра. Ова ја вклучува и поддршката на земјите-членки на ЕУ кои обезбедија привремена заштита за околу 4 милиони украински бегалци од почетокот на војната. Заедно, ова ја одразува цврстата решеност на Унијата да и помогне на Украина онолку долго колку што е потребно.
Г. Т.