Стотици камиони веќе два месеца чекаат дозвола за влез од Египет во Газа

Стотици камиони кои превезуваат храна, вода и друга помош речиси два месеци стојат во близина на границата меѓу Египет и Појасот Газа и чекаат дозвола за испорака на хуманитарни материјали во палестинската енклава, јави денеска Ал Џезира, пренесе МИА.

Возачите, чии камиони се паркирани на периферијата на египетскиот град Ал-Ариш, на Синајскиот Полуостров, тврдат дека не можат да достават хуманитарни материјали откако Израел во мај ја прошири својата офанзива на границата Газа-Египет.

Камионџиите додаваат дека поради тоа дел од храната морале да ја фрлат и дека се враќале по свежи резерви, но дека повторно не можеле да го преминат преминот Рафа во Газа.

Хуманитарните групи предупредуваат дека постои висок ризик од глад низ појасот Газа.

Извештајот на организацијата Интегрирана класификација на фазите за безбедност на храната (IPC) посочи дека во палестинската енклава, 96 отсто од населените места, или околу 2,15 милиони луѓе, се соочуваат со сериозен недостиг на храна.