Во октомври во Лондон ќе биде отворена изложба на којашто посетителите ќе можат да погледнат околу 250 предмети кои некогаш биле во сопственост на Мерлин Монро, како што се љубовни писма или сатенски наметки на покојната актерска икона.
Меѓу експонатите има и фотографии направени за време на нејзината средба со покојната кралица Елизабета Втора во октомври 1956 година во лондонскиот Empire Theatre.
Изложбата ќе биде поставена на Arches London Bridge, ново место за слични културни настани со тавани високи шест метри и површина од над 3.350 квадратни метри. Изложбата се отвора на 18-ти октомври.
Посетителите ќе можат да го видат и црниот фустан на актерката со реси од филмот „Некои тоа го сакаат жешкото“.
Лиз Коравос, директор на Arches London Bridge, рече дека е „огромна привилегија да се биде домаќин“ на изложбата насловена „Marilyn – The Exhibition“. Во истиот простор своевремено е поставена изложба посветена на поп-иконата Елвис Присли.
Таму ќе бидат изложени шминката и козметиката што ја користила Монро, како и облеката што ја прославила во филмовите и на нејзините фотографии.