Мајка и нејзиното 5-годишно дете загинаа во поплавите во Пеќ. Косовската полиција соопшти дека мајката првично била пријавена за исчезната, но потоа била пронајдена од полицијата. Семејството на мајката и детето го раскажаа хоророт што го доживеале.
„Врнеше, се лизна дел од ридот, дворот беше полн со вода, ѕидот го држеше подолго, но потоа водата навлезе внатре. Едвај ги спасивме другите две деца, се обидовме да ја спасиме снаата, бидејќи малата никаде не ја видовме, потоа ја најдовме кај соседот, а снаата во третата куќа во подрум“, рече Милијам Адемај, член на семејството на загинатите.
„Ова е страшно, никогаш не се случило. Јас живеам овде 70 години, а водата никогаш не била ваква. Вака да тече вода по улица, а куќите да се во ваква состојба, никогаш не се случило. Не жалиме за материјалната штета, туку за жената и синот… Сите истрчавме да ги спасиме, јас имам проблеми со ногата, водата за малку ќе ме однесеше, не можев ништо да помогнам. Ние сме само благодарни што го спасивме семејството во близина, го влечевме човекот додека го спасивме, бидејќи беше неподвижен“, рече Хаки Рама, член на семејството на жртвите.
Како последица на поплавите во Пеќ, повредени се и две лица. Тие се сместени во болницата во Пеќ. Градоначалникот на општина Пеќ Газменд Мухаџери изрази жалење за трагедијата. Тој рече дека на терен работат екипи на санирање на штетите.
„Покрај овој трагичен случај каде загинаа мајка и дете, другите работи можат да се поправат, но овие два животи не можат да се вратат, врнеше долго време и синоќа имаше количина на дожд каква што немало 50 години “, изјави Газеменд Мухаџери, градоначалник на Пеќ.
Косовскиот премиер Албин Курти најави дека владата се ангажирала со своите капацитети со Косовските безбедносни сили и Агенцијата за управување со вонредни состојби за да помогнат во справувањето и надминувањето на последиците од поплавите.
Алсат