Истражувањето на НАСА за стотици забележани НЛО откри дека нема докази дека вонземјаните стојат зад необјаснетите феномени, но вселенската агенција исто така не можеше да ја исклучи таа можност.
Ако вистината е таму некаде, овој долгоочекуван извештај не нуди убедливи докази.
Но, во извештајот е наведено дека НАСА ќе ги истражи, како што ги нарекува УАП (Unidentified Anomalous Phenomena/ неидентификувани аномални феномени) со подобрена технологија и вештачка интелигенција.
Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, рече дека американската вселенска агенција не само што ќе ја преземе водечката улога во истражувањето на можни инциденти со УАП, туку и ќе ги споделува податоците со поголема транспарентност.
Извештајот има 36 страници со доста технички и научни опсервации, па еве некои од клучните информации.
Нема доказ дека вонземјаните постојат, но можеби постојат
На последната страница од извештајот се вели дека „нема причина да се заклучи“ дека вонземски извори стојат зад стотиците видувања на УАП што ги истражи НАСА.
Иако извештајот не заклучи дека постои вонземски живот, НАСА не ја негираше можноста за „потенцијална непозната вонземска технологија во атмосферата на Земјата“.
Ограничена количина на УАП податоци
„И покрај бројните пријавени видувања на УАП, Фокс рече дека обично нема доволно податоци што „може да се користат за да се направат дефинитивни научни заклучоци за природата и потеклото на УАП“, изјавила Никола Фокс, помошничка администраторка на Дирекцијата за научна мисија на НАСА
Фокс соопшти дека НАСА назначила нов директор за истражување на УАП за да „воспостави силна база на податоци за евалуација на идните податоци“.
Директорот ќе користи вештачка интелигенција и машинско учење во процесот на собирање и анализа на податоци.
НАСА ги преиспитува виралните фотографии на „вонземјани“ од Мексико
Новинарот на Би-би-си, Сем Кабрал, ја праша комисијата на НАСА за серијата фотографии од наводни вонземјани кои им беа презентирани на мексиканските власти претходно оваа недела.
Самопрогласениот експерт за НЛО, Хаиме Маусан, пред мексиканскиот Конгрес претстави два антички „нечовечки“ трупови на вонземјани. Тој тврдеше дека телата биле пронајдени во Куско, Перу, во 2017 година и оти тестирањето на радиојаглеродот покажало оти се стари до 1 800 години.
Автентичноста на примероците беше дочекана со голем скептицизам во научните кругови, а самиот Маусан претходно имаше тврдења за вонземски живот кои беа дискредитирани.
Идентитетот на новиот шеф за НЛО останува мистерија поради заканите
Ќе има нов директор на НАСА за истражување на УАП – но неговиот идентитет останува мистерија.
Деталите за улогата и за тоа колку ќе биде платен останаа нејасни за време на брифингот во четвртокот, имајќи предвид дека НАСА вети дека ќе биде потранспарентна со своето истражување на УАП.
Една од причините за ова може да биде заштитата на новиот директор од какво било потенцијално јавно вознемирување.
Доктор Даниел Еванс, помошник администратор за истражување на НАСА, рече дека членовите на истражувачкиот панел на УАП добиле „вистински закани“.
Тој рече дека НАСА ја сфаќа сигурноста и безбедноста на тимот „исклучително сериозно“ и дека заканите одиграле улога во одлуката да не се објави името на директорот за истражување на УАП.
НАСА препорачува користење на алатки за вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција и машинското учење се „суштински алатки“ за идентификација на УАП, се вели во извештајот.
Јавноста исто така се смета за „критичен аспект во сфаќањето на УАП“.
НАСА, која нагласи дека еден од нејзините најголеми предизвици за подобро сфаќање и идентификување на УАП е недостигот на податоци, има за цел да го покрие тој јаз преку техниките на прибирање податоци од јавноста.
Ова вклучува „апликации на паметни телефони со отворен код“ и други метаподатоци за паметни телефони од „повеќе граѓани набљудувачи ширум светот“.
Во моментов не постои стандардизиран систем за собирање и организирање на цивилни извештаи за УАП, се вели во извештајот, „што резултира со ретки и нецелосни податоци“.