Повеќе од 40 000 луѓе се загрозени од поплави од двете страни на реката Днепар по уништувањето на браната „Нова Каховка“, соопштија украинските власти, очекувајќи водениот бран од поплавите да го достигне својот врв денеска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека 80 градови и села се соочуваат со опасноста од поплави по уништувањето на браната, за што тој ја убвини Русија, пренесува Би-би-си.
Шефот на канцеларијата за помош на Обединетите нации, Мартин Грифитс, во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН рече дека магнитудата на големата катастрофа целосно ќе биде позната во наредните денови, пренесува Гардијан.
„Но, веќе е јасно дека тоа ќе има тешки и далекусежни последици за илјадници луѓе во јужна Украина од двете страни на линијата на фронтот кои се соочуваат со губење на домови, храна, безбедна вода и средства за живот“, рече тој.