На денешен ден пред 10 години, светот беше шокиран од соборувањето на авионот од летот MH17 на Малезија ерлајнс од страна на руските војници и поединци под нивна директна контрола. Сите 298 луѓе загинаа, објави на „Х“ Министерството за надворешни работи на Украина.
Во неколку врзани објави, од МНР на Украина прашуваат: „Што се случи тој ден и како Русија одговара?“
Од средината на мај 2014 година, Русија има контрола над привремено окупираните делови на регионот Доњецк, од каде што беше извршен нападот.
По повеќе од 2 години судење, Окружниот суд во Хаг прогласи три лица за виновни за соборување на авионот и убиство на луѓе.
Русија и нејзините пропагандисти продолжија да лажат за MH17 дури и откако Окружниот суд во Хаг ги утврди сите вистинити факти и донесе пресуда во 2022 година.
Затоа е толку важно доведувањето на Русија и руските криминалци на одговорност.
Напорите на Украина и нејзините партнери, вклучително и во рамките на Заедничкиот истражен тим, меѓународните организации и меѓународните судски институции остануваат исклучително важни за враќање на правдата и безбедноста на меѓународната цивилна авијација.
Русија мора да сноси одговорност за нападот врз глобалната заедница.
Злосторствата на Русија не смеат да имаат рок на траење – исто како што споменот на убиените поради руската агресија никогаш не треба да згасне“, се наведува во објавите од украинското МНР.