Апсолутно сум убеден дека Урсула фон дер Лајен ќе продолжи како претседателка на Комисијата. Таа е нашиот главен кандидат, а ние сме убедливо најголемото политичко семејство. Верувам дека ќе има огромна, ако не и едногласна поддршка од Европскиот совет и ќе успее повторно да обезбеди мнозинство во Европскиот парламент, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за „Блумберг“, јави дописничката на МИА од Атина.
Говорејќи за резултатот од европските избори во Грција, посочи дека „Нова демократија цврсто останува доминантна политичка сила во земјата“, но и додаде дека кај граѓаните постоеше „одреден степен на незадоволство за прашања како што се трошоците за живот, со кои треба да се справиме“.
-Бевме избрани да спроведеме храбра програма со реформи во преостанатите три години од нашиот мандат. И тоа е она што треба да го направиме. Сега имаме три години без други избори, а во 2027 година повторно ќе бидеме оценети врз основа на сработеното, рече Мицотакис.
Истиот став дека имаат уште три години од мандатот, грчкиот премиер го изрази и во вчерашното интервју за телевизијата „Алфа“, кога категорично го отфрли прашањето за предвремени парламентарни избори во земјата, објаснувајќи дека актуелната Влада има „силно мнозинство и силен четиригодишен мандат“
Во однос на сценаријата за реконструкција на Владата во следните денови, Мицотакис индиректно посочи дека тоа ќе се случи до крајот на оваа седмица, одговарајќи дека планираната и закажана владина седница в петок „ќе биде со актуелниот состав“.