Косовскиот премиер Албин Курти ја одби поканата на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за учество на Иницијативата Отворен Балкан, што се очекува да се одржи во Охрид на 7 и 8 јуни. Во писмото до премиерот Ковачевски, Курти вели дека Косово е посветено на Берлинскиот процес, кој беше одобрен од шесте земји од Западен Балкан на самитот во Софија во 2020 година и беше целосно поддржан од Европската унија. Според Курти, Косово и Северна Македонија треба да работат заедно за да ја спречат Србија да ги промовира своите руски и кинески интереси во регионот.

Advertisements

„Со оглед на заедничките вредности меѓу нашите две земји, во наш интерес е да работиме заедно за да ја спречиме Србија да ги промовира своите руски и кинески интереси во нашиот регион, притоа постојано негирајќи ја независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, и блокирајќи ги еднаквите можности за граѓаните на Косово“, рече Курти.

Курти вели дека заедничките вредности и аспирации се постигнуваат на Заедничкиот регионален пазар, каде што државите функционираат според правилата и вредностите на Европската унија. Косово се противи на иницијативата „Отворен Балкан“, инсистирајќи на тоа дека Косово треба да биде претставено како рамноправно, односно како независна држава во секој процес, вклучително и во иницијативата „Отворен Балкан“. Во Охрид нема да учествува ниту Босна и Херцеговина. Но, за разлика од претходно, учество на следната средба најави и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Според него, единствена цел на Црна Гора во надворешната политика е полноправно членство во ЕУ, и дека не бара други алтернативи за оваа цел.
Иницијативата „Отворен Балкан“ е продолжение на балканскиот „мини-шенген“, претставен во Нови Сад, Србија на 10 октомври 2019 година, од лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија.

Алсат