Брод на италијанската морнарица денеска пристигна во Албанија со 49 мигранти пресретнати во меѓународните води, кои бараат азил и сместување во специјални албански мигрантски центри, според контроверзниот договор меѓу Италија и Албанија.
Ова е трет обид да се испратат мигранти во Албанија според тој договор, откако се појавија пречки во италијанските судови поради претходните обиди.
Италијанското Министерство за внатрешни работи не ја прецизираше националноста на мигрантите донесени во Шенѓин, кој се наоѓа на 66 километри северозападно од главниот град Тирана, но италијанските медиуми објавија дека тие се од Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Гамбија.
Новиот обид за обработка на мигранти во Албанија следи по двата претходни неуспешни обиди во октомври и ноември кога италијанските судии одбија да одобрат притвор на две мали групи мигранти во албанските центри, договорен според контроверзниот договор меѓу Италија и Албанија.
Судовите одлучија дека земјите на потекло на овие мигранти не се доволно безбедни за овие центри да одлучат да ги вратат кај нив.
Случаите се упатени до Европскиот суд на правдата, кој претходно пресуди дека барањата за азил не можат да бидат предмет на забрзана постапка што може да доведе до враќање на мигрантите во земјите на потекло кои не се сметаат за целосно безбедни. Европскиот суд на правдата треба да го разгледа случајот на 25 февруари.
Текстот Италија испраќа уште 49 мигранти во Албанија врз основа на договор со Тирана е превземен од МАКФАКС.