Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред италијанскиот Парламент преку видео-врска. Тој им кажа на италијанските пратеници дека неговата земја е на работ на опстанок поради војната со Русија и предупреди дека Москва сака да се инфилтрира во остатокот од Европа.
„За руските војници Украина е порта кон Европа, тие сакаат да влезат внатре, но варварството не смее да влезе“, рече Зеленски.
По неколкудневни борби, украинските сили ја вратија контролата врз Макарив, град на околу 50 километри западно од Киев, соопштија украинските сили. Макарив претрпе големи штети од тековните воздушни напади на Русија.
Тимовите за вонредни состојби на Украина соопштија дека речиси 1.000 згради се уништени како резултат на руското бомбардирање на градот Харков. Повеќето од нив биле станови. Руските сили постојано го бомбардираат Харков, кој се наоѓа на 50 километри од границата со Русија. Таму се убиени најмалку 500 цивили, соопштија украинските власти. Канцеларијата на јавниот обвинител во Украина соопшти дека најмалку 117 деца се убиени, а повеќе од 155 се повредени откако Русија ја започна својата окупација, повеќето од нив во или околу Киев и во североисточниот град Харков.
Амбасадата на САД во Украина соопшти дека, според украинското Министерство за надворешни работи, руските сили однеле 2.389 украински деца од регионите Доњецк и Луганск во Русија.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили се чини дека „заглавиле во место“ поради ограниченото напредување и оти украинските сили продолжуваат да ги одвраќаат руските обиди да ја преземат контролата врз Мариупол.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана објави повеќе видео материјали од нивните воени хеликоптери како уништуваат украински тенкови.
„Група ‘ноќни ловци’ составена од хеликоптери Ка-52 и Ми-28 уништија девет украински тенкови“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Руските загуби во Украина, според власта во Киев, се проценуваат на околу 15 илјади војници.
Додека борбите продолжуваат на фронтовите, цивилите им помагаат на војниците на различни начини. Театар во западна Украина е претворен во волонтерска кујна.
„Има една изрека која вели дека кога пукаат пушките, музите молчат, но ние не молчиме“, рече Ала Шкондина, актерка.
„Во овој период направивме над 3 илјади ќофтиња, 150 кг зелка варена со месо и 2 илјади палачинки. Сега решивме да правиме повеќе протеинска храна, односно месо“, изјави Микола Хнатенко, директор на Театарот.
Украинските бегалци кои пристигнуваат во полскиот пограничен град Медика сведочат дека градовите Мариупол и Харков се многу разурнати.
„Последниве пет дена, авиони летаа над нас на секои 5 секунди и фрлаа бомби насекаде. Беше ужасно. Бевме во опасност и избегавме“, рече Викторија Тотсен, украинска бегалка.
„Бомбардираат секој ден, 40, 50, 60 пати на ден. Ги бомбардираа предградијата и центарот на градот. Го оштетија културниот центар, ја оштетија античката архитектура“, додава Олена Алмазова, бегалка од Харков.
Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека повеќе од 3,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина.
Шкелзен Аќифи