Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сите руски лидери ќе одговараат за воените злосторства во Украина. Во интервју за турската телевизија „Хабертурк “, Зеленски рече дека „ова се масовни злосторства зад кои стојат наредбите на многу луѓе“ и додаде дека „сите треба да одговараат“.
„Верувам дека руската армија, политичкото раководство и сите оние кои беа вклучени во планирањето на оваа војна и сите оние кои ги дале овие наредби, сите оние кои ги извршиле тие наредби, сите се воени злосторници. Невозможно е да се гони само едно лице за овие злосторства. Меѓународната заедница треба да знае, и Руската Федерација треба да знае дека тоа се масовни злосторства зад кои стојат наредби на многу луѓе, многу структури, многу политички одлуки и не може да има оправдување, сите мора да одговараат“, рече Зеленски.
Премиерот на Обединетото Кралство ги осуди акциите на руските сили во Буча.
„Кога ќе погледнеме што се случува во Буча и злосторствата што Путин ги изврши во Украина не се далеку од геноцид. Не е ни чудо што луѓето реагираат на тој начин. Не се сомневам дека меѓународната заедница ќе донесе дополнителни санкции против Русија“, рече Борис Џонсон- премиер на Обединетото Кралство.
За одговорност зборуваше и шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Тој рече дека Европската Унија не треба да им врти грб на овие злосторства.
„Ова се злосторства против човештвото врз невини цивили во Буча и многу други градови. Уште повеќе докази дека руската бруталност против народот на Украина нема граници. Уште повеќе докази за воени злосторства, егзекуции, тела фрлени на улица, масовни гробници. Ова не е посебна операција. Тоа се воени злосторства и ние во ЕУ нема да свртиме грб. Ќе ја погледнеме реалноста право во очи. Мора да има и ќе има сериозни последици за сите одговорни“, рече Мишел.
Зборувајќи пред ирските пратеници, Зеленски рече дека најмалку 167 деца биле убиени за време на руската окупација на Украина, не исклучувајќи дека бројот може да биде уште поголем.
„Факт е дека во 42-те дена од руската војна, во Украина беа убиени најмалку 167 деца. Сè уште не ги знаеме сите злосторства во Мариупол и жртвите во другите делови на Украина каде борбите се во тек.
Зеленски ја опиша ситуацијата во Мариупол како „ѓаволска“ и рече дека стравува дека илјадници цивили можеби биле убиени или повредени таму. Тој, исто така, ја обвини Русија дека се обидува да ги скрие своите дејствија во опколениот град Мариупол и рече дека не сака хуманитарната помош да влезе во градот „додека не го исчистат сето тоа“, рече Зеленски.
Официјални лица во Мариупол ги обвинија Русите дека користат мобилни крематориуми за да ги запалат телата на цивилите убиени во градот. Веста ја соопштува општина Мариупол преку каналот Телеграм.
Шкелзен Аќифи