Пациентот од Велес, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести како трет случај со потврдена конго-кримска хеморагична треска, рибарел покрај Вардар, па можно е болеста да ја добил од каснување на крлеж или друг инсект, изјави денеска д-р Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката.
Пациентот е хоспитализиран кај нас и е во добра општа состојба. Тој пет дена наназад се жалел на покачена температура, главоболка и на мускулно-зглобни болки, поради што и побарал лекарска помош. Ја следиме неговата состојба, изјави д-р Стевановиќ.
Таа информираше дека во саботата вечер е донесен суспектен пациент со конго кримска треска од велешката Болница и во текот на вечерта неговата дијагноза е потврдена. Д-р Стевановиќ кажа дека пациентот не дал податок за тоа дека бил каснат од крлеж, односно кажал дека не забележал такво нешто.
Лабораториски анализите беа со намалени тромбоцити во текот на вчерашниот ден, но со соодветна супституција. Ние ова го третираме мултидисциплинарно во консултација со колегите од транфузиологија. Денешните анализи се уредни, но тоа не значи дека нема да имаме тек и развој на болеста, се надеваме поволен, како што беше и кај претходната пациентка, рече Стевановиќ.
Д-р Стевановиќ вели дека имал една рана, за која допрва ќе се утврди дали е од крлеж или не. Таа рече дека епидемиолозите веќе направиле анкети, лоцирани се контактите, па покрај неговото четиричлено семејство, уште петмина вработени во велешката болница се под медицински надзор.
Во земјава досега се регистрирани вкупно три случаи со оваа болест. Првиот случај беше 27-годишна пациентка од Штип која почина, а од неа се зарази болничарка на Клиниката за инфективни болести во Скопје, која се лекувала на клиниката. Таа веќе неколку дена го прима лекот Рибаривин, кој беше набавен од странство, а се користи при тешки клинички слики на болеста. Состојбата на пациентката е стабилна, опоравувањето е во тек и дека не се очекува појава на компликации.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.