Американскиот претседател Џо Бајден изрази поддршка за предлогот на неговиот бразилски колега Луиз Инасио Лула да Силва за нови избори во Венецуела, откако политичката криза во земјата ескалираше по претседателските избори на 28 јули, чии резултати не беа признати од опозицијата.
– Го поддржувам тоа, одговори Бајден на прашањето дали стои зад предлогот за нови избори, за време на прес-конференција во Белата куќа.
Претходно денеска, Лула да Силва изјави дека и натаму не го признава Николас Мадуро за победник на изборите и додаде дека ако тој има „здрав разум“, ќе свика нови избори.
Лидерот на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, го оцени предлогот за повторување на изборите како „навреда“ за венецуелскиот народ, поставувајќи реторичко прашање: „Ако Мадуро продолжи да не ги признава резултатите, ќе одиме ли на трети избори?“
И самиот Мадуро ги коментираше овие предлози, изјавувајќи дека „изборите веќе се одржаа“. /MIA