Најбогатиот британец, Сер Џим Ретклиф е пред комплетирање на преземањето на Манчестер Јунајтед од американското семејство Глејзер, кои сепак, ќе останат како малцински сопственици со 20 отсто од клубот, тврдат британските медиуми.
Договорот ќе биде „тежок“ 6 милијарди фунти, рекорд за еден спортски клуб. Главни ривали на Ретклиф, газдата на хемискиот гигант „ИНЕОС“, беа катарските инвеститори предводени од шеикот Џасим Бин Хамад Ал-Тани, претседателот на Катарската исламска банка (QIB), но поради желбата на Глејзери да задржат дел од клубот, Ретклиф е избран како најдобар понудувач, јавува „Тајмс“.
Се верува дека Ретклиф ќе даде 6 милијарди за клубот, а 20-те отсто акции, кои ќе останат кај претседателите на клубот Џоел и Аврам Глејзер ќе бидат откупени во следните четири-пет години.
Според „Тајмс“, катарците не се подготвени да се откажат и можно е дадат и дополнителна понуда за да го спречат преземањето на клубот.