Работата на нуклеарната централа Кршко превентивно ќе биде прекината поради истекување во заштитната комора во внатрешноста на централата, јавија словенечките медиуми.
Единствената словенечка нуклеарна централа објави дека е „откриено истекување во системот за примарна заштита“ и дека е неопходно исклучување за да се утврди изворот на истекувањето и да се преземат мерки за отстранување на проблемот.
Не се знае колку долго ќе трае намалувањето на моќноста до вистинското исклучување на реакторот.
Се наведува и дека истекувањето „нема влијание врз вработените, населението и животната средина“ и дека е „под вредноста поставена како ограничување со техничките спецификации“.
Работата на нуклеарната централа Кршко, која се наоѓа на околу 100 километри источно од Љубљана и во близина на границата со Хрватска, последен пат превентивно беше прекината во 2020 година, поради силниот земјотрес во Хрватска.
Изграден за време на Југославија и во употреба од 1983 година, уникатниот реактор од типот „Вестингхаус“ во Кршко покрива 20 отсто од потребите за електрична енергија на Словенија и околу 15 отсто од потребите на Хрватска.