Турската агенција „Анадолу“, на својата веб страна постојно ги ажурира податоците од преброените гласови од претседателските избори во Турција.
Според овој извор, на 15-тина минути пред полноќ, речиси е извесно дека ќе има и втор круг.
По преброени безмалку 95 отсто од гласовите, или поточно 94,66%, Ердоган има 49,52 отсто, а неговиот опонент, Кемал Киличдароглу има 44,76 отсто од преброените гласови.
За еден кандидат да победи во првиот круг од претседателските избори во Турција потребно е да освои мнозинство од оние што гласале денеска. Ако продолжи трендот на мал, но постојан пад на Ердоган при пребројувањето на преостанатите гласови, во Турција ќе следува втор круг кој би требало да се одржи за две недели, односно на 28 мај.