Соларните централи не мора да се наоѓаат на места со натпросечен број сончеви денови, а оваа мала централа е најсеверна во светот и го докажува тоа.
Таа се наоѓа на островот Шпицберген, најголемиот остров во познатиот норвешки архипелаг Свалбард. Новата електрана ќе ја напојува зградата на „Радио Исфјорд“, станица основана во 1933 година. Првично таа била само радиостаница, а денес служи како центар за комуникација и главна радиоврска помеѓу Свалбард и копното. Вклучува и метеоролошка станица и хотел за туристи и истражувачи кои се упатуваат кон Арктичкиот Круг.
Станицата е целосно одвоена од електричната мрежа, а претходно се напојувала со нафта. Благодарение на обновливите извори, се проценува дека во иднина ќе се намалат емисиите на штетни гасови и до 70 отсто.
Електраната е изградена од норвешката национална енергетска компанија „Стор норске енерџи“. Се состои од независни соларни панели и инсталација на покривот на главната зграда, а покрај фотоволтаични панели, поставени се и батерии за складирање енергија.
Во овој дел од планетата половина година воопшто нема сончеви денови, па дизел-генераторите и понатаму ќе останат активен извор на енергија на оваа локација. Компанијата го користи проектот како експериментална платформа за тестирање на ефикасноста на хибридниот систем, кој комбинира сончева енергија со класични извори како јаглен и дизел.
Извор: SNSK