Земјите низ светот потрошиле на оружје во 2021 година повеќе од два билиони долари, за првпат откако СИПРИ почна да ги следи податоците.

Advertisements

Потрошувачката на оружје, прилагодена за инфлацијата, била зголемена минатата година за 0,7 отсто, на 2,112 билиони долари, извести СИПРИ.

Земјите повеќе трошеле на оружје и во двете години на пандемијата на коронавирусот, истакнува шведскиот институт.

„Военото трошење достигна рекордни нивоа и покрај економските последици на пандемијата на ковид-19“, истакна истражувачот на Програмата за воено трошење и производство на СИПРИ, Диего Лопез да Силва.

И покрај поголемиот износ, уделот на военото трошење во глобалниот БДП е намален за 1 процентен поен, на 2,2 отсто од БДП, бидејќи земјите повеќе издвојувале и за поттикнување на економијата, создавајќи услови за нејзино брзо заздравување од пандемиската криза.

„Темпото на растот е во реален израз поради инфлацијата. Во номинален израз воената потрошувачка пораснала за 6,1 отсто“, додаде Да Силва.

Најмногу на оружје минатата година трошеле САД, Кина, Индија, Британија и Русија.

Американското трошење на оружје паднало за 1,4 отсто, на 801 милијарди долари, со учество во БДП од 3,5 отсто.

Падот ја одразува и намалената потрошувачка на истражување и развој, но САД, по сè изгледа, и понатаму се фокусираат на „технологии од новата генерација“, забележува СИПРИ, а пренесува Ал џезира.

Руското воено трошење пораснало минатата година за 2,9 отсто, на 65,9 милијарди долари, со учество во БДП од 4,1 отсто.

Поголеми издвојувања за оружје овозможиле повисоките извозни цени на енергенсите, а временски се поклопиле со подготовките за нападот на Украина, забележува шведскиот институт.

Украина од руското припојување на Крим во 2014 ја зајакнала одбраната, зголемувајќи го трошењето за оружје за 72 отсто.

Во 2021 година потрошувачката, пак, паднала на 5,9 милијарди долари, со учество во БДП од 3,2 отсто, пресметал СИПРИ.