Значајна новина е новиот Правилник за ставање лек на позитивна листа, кој ќе придонесе за побрзо осовременување на позитивната листа. Согласно европските практики, со него се дефинирани постапки и критериуми за утврдување лек на позитивната листа, кои важат подеднакво за сите лекови, како за домашни, така и за странски производители на лекови, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити на одбележувањето на 7 април, Светскиот ден на здравјето.
Во следниот период ќе се фокусираме и на проектот за регионализација на инфраструктурата на ЈЗУ низ државата, со цел доближување на здравствените услуги до местото на живеење на пациентите, посочи министерот Меџити.
Министерот за здравство на сите здравствени работници им го честита Светскиот ден на здравјето кој годинава се одбележува под мотото „Здравје за сите”. По тој повод се одржа свечен настан организиран од Македонско лекарско друштво, во соработка со СЗО.
Зајакнување на јавните здравствени установи со кадар е една од приоритетните области на која работиме. Со Лекарската комора, се фокусираме и за начините за скратување на административните процедури за лекарите. Паралелно сме фокусирани и на унапредување на условите за третман и лекување на пациентите, истакна министерот Меџити во денешното обраќање на настанот.
Тој упати благодарност до Македонското лекарско друштво и канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, со кои заеднички, традиционално се одбележува Светскиот ден на здравјето.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.