Американската крајбрежна стража верува дека се пронајдени човечки останки меѓу остатоците од туристичката подморница „Титан“ кои беа извлечени вчера од длабочините на Атлантикот по трагедијата во која животите ги загубија пет лица.
Парчиња од подморницата која имплодира при нурнување водите на Атлантскиот Океан, во она што требаше да претставува обиколка на остатоците на потонатиот брод „Титаник“, вчера беа извлечени и истоварени на пристаништето во Сент Џонс во Канада.
Според официјални претставници, биле пронајдени рамката за слетување и задниот капак на туристичката подморница.
Останките, за кои се верува дека се човечки, како што пренесува Би-би-си повикувајќи се на соопштението на крајбрежната стража, ќе бидат анализирани од американски медицински професионалци.
Инаку, истрагата за причините за катастрофата е сè уште во рана фаза. Како што е соопштено, Поморскиот одбор за истраги на крајбрежната стража на САД ќе ги пренесе остатоците, кои сега имаат третман на докази, до американското пристаниште за понатамошна анализа и тестирање.