Проценките дека сепак нема да биде потребно да се активира членот од Договорот од Преспа за решавање спорови, но и ставот дека прашањето не е билатерално, туку европско, ги изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Action 24“, кој уште еднаш ја повтори пораката дека новиот премиер мора да го користи името Северна Македонија во и вон земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис објасни дека Договорот од Преспа јасно го одредува начинот на кој се решаваат прашањата поврзани со почитувањето и оцени дека „на крај нема да биде потребно ова“, бидејќи, како што рече „во Скопје можеби сфаќаат дека предизборниот период заврши“.
Грчкиот премиер и синоќа во интервјуто за ТВ „Стар“, како што објави МИА, и утрово за телевизијата „Action 24“ рече дека од новиот премиер очекува името Северна Македонија да го користи во и вон земјата.
Уште еднаш повтори дека Договорот, иако тие не го поддржаа, е „апсолутно јасен“ и ќе го почитуваат, „бидејќи е меѓународен договор што е над националното право“.
-Договорот од Преспа има одредба за името, а името на земјата е Северна Македонија, важи за сите и она што го очекувам од новиот премиер, кој сè уште не е мандатар за премиер, но во некој момент ќе го добие мандатот, очекувам една јасна изјава дека името на земјата е Северна Македонија и така ќе ја нарекува во и вон земјата. Оценувам дека и овие прашања на некој начин ќе го најдат својот пат, рече Мицотакис.