„Успешна ноќ“, вели началникот на Мет полиција, Марк Роули по претежно мирните собири низ Англија
Тој вели дека „стравовите од екстремно десничарско нарушување се намалени“, откако демонстрантите против расизмот се собраа во градовите и населбите во средата навечер.
Илјадници демонстранти против расизмот се собраа во градовите и населбите низ Англија во средата навечер, пренесува Би-би-си. Тие се собраа како одговор на еднонеделните антиимиграциски немири, предизвикани од дезинформациите за смртоносниот пробод со нож во Саутпорт на 29 јули
И владата и полицијата ќе внимаваат да видат дали ситуацијата конечно ќе се смири, по немирите во кои беа уапсени повеќе од 400 лица, а 140 обвинети
Илјадници полицајци вчера беа мобилизирани ширум Британија поради стравувањата од нова рунда антиимигрантски немири, откако екстремно десничарските групи повикаа на дополнителни протести. Но, протестите беа главно мирни со неколку сериозни инциденти, откако големите демонстрации на екстремната десница не се реализираа, а беа извршени само неколку апсења, пренесува Њујорк тајмс.
Наместо тоа, илјадници антирасистички демонстранти се собраа низ целата земја, вклучително и во Бристол, Бирмингем, Ливерпул и Лондон. Некои од тие демонстрации беа блиску до места кои беа идентификувани како потенцијални цели на бунтовниците.
Во Ливерпул, луѓето тропаа на тапани, извикуваа „Фашистите надвор!“ и држеа знаци на кои пишуваше „Љубов, не омраза“, „Без имигранти нема кебаб“, додека хеликоптер кружеше над главите. Собирот беше разновиден, составен од локални жители кои беа изненадени што нивната улица стана центар на демонстрации, како и синдикални групи и други кои изразија осуда на неодамнешното насилство кога екстремно-десничарските демонстранти се судрија со полицијата, запалија автомобили и гаѓаа џамии и хотели во кои се сместени баратели на азил во текот на изминатата недела. Хаосот делумно беше поттикнат од онлајн кампањата за дезинформација по смртоносниот напад со нож на детски настан во северозападна Англија.
Драган Мишев