Европскиот Совет и Европарламентот постигнаа договор да се издвојат шест милијарди евра за земјите од Западен Балкан. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, во интервју, сподели дека првиот аванс може да се случи во следните два месеца. Тој вели дека со овој потег и Планот за раст на регионот, Унијата го овозможува проширувањето. Парите пак, ќе бидат условени од спроведувањето на реформската агенда и се планирани до 2027 година.
„Тука не е само финансирањето, туку и отворени агенди и можност за однапред да се почувствуваат некои од придобивките од постепената интеграција… Работите сега се поставени така што до 2027 година, кога ќе истече сегашната Повеќегодишна финансиска рамка и до кога е и важноста на Планот за раст, би имале сè што е потребно земјите од Западниот Балкан да бидат подготвени да се приклучат на Унијата. Се надевам дека исто така е јасно дека ова е политичко сидро на процесот на проширување“, рече Оливер Вархеји – еврокомесар за проширување.
Домашните власти оценија дека ваквата одлука на Брисел е порака на ЕУ дека ја сака Македонија како дел од Унијата.
„Со други зборови, Европската Унија се заложува да ја спроведе една од најголемите инвестициски стратегии за интеграција на регионот на Западен Балкан, преку заедничка соработка со вкупно 2 милијарди евра во грантови и 4 милијарди евра во заеми, за помош во реформите поврзани со ЕУ и економското приближување до европскиот стандард“, рече Бојан Маричиќ – прв вицепремиер за европски прашања.
Вархеји исто така информира дека со средствата од Механизмот, земјите од Западниот Балкан ќе може да ги забрзаат реформите, но и да обезбедат инвестиции за проекти од животната средина или енергетскиот сектор. Според него, највидливо остварување од постепената интеграција на регионот во Унијата, наредниов период, ќе биде учеството на земјите од Западен Балкан во Единствена област за плаќање во евра. Тоа не значи воведување на еврото како платежна валута, туку намалување на трошоците за трансфери на пари меѓу ЕУ и земјите од регионот./Алсат.мк
Лука Андрев