Бремена 31-годишна жена починала откако била застрелана во грбот од нејзиниот двегодишен син во американската сојузна држава Охајо, соопшти полицијата. Лаура Илг, која била во 34-тата недела од бременоста, се јавила на 911 минатиот петок за да пријави дека нејзиното дете ја повредило откако ѝ го пронашло пиштолот.
Нејзиниот сопруг потврдил дека и тој примил повик од сопругата која врескала и му викала да повика полиција. Полицијата објави повик во кој се слуша како Илг избезумено моли за помош. Според Ен-би-си њуз, Илг му рекла на диспечерот дека се наоѓа горе на катот во куќата и дека ѝ треба помош.
„Дали вашата влезна врата е отклучена“, ја прашувале од итната помош. „Кажете им да упаднат, ве молам побрзајте“, им одговорила Илг.
Од полицијата велат дека полицајците пристигнале на местото на настанот три минути по првиот повик и насилно влегле во куќата, пренесува Скај њуз.
„Лаура е пренесена во медицинскиот центар ‘Фишер Титус’, каде што е извршен итен царски рез“, додаваат тие.
Властите објавија дека нејзиниот нероден син починал помалку од еден час по повикот, а мајката починала подоцна. Потврдено е дека пиштолот до кој дошол малото момче бил „SIG Sauer P365“.
Полицајците ги нашле пиштолот и чаурите. Илг и нејзиниот сопруг им рекле на властите дека пиштолот го чувале на ноќната масичка во нивната спална соба. Во куќата биле пронајдени и една сачмарка и пиштол „аирсофт“. Сè уште никој не е обвинет за убиството, а полицијата соопшти дека наодите од истрагата ќе бидат проследени до локалното обвинителство.