Франција ќе се воздржи од гласање и при денешното изјаснување за предлогот на Европската комисија за одобрување на употребата на спорниот хербицид глифосат и во наредните 10 години, најави францускиот министер за земјоделство Марк Фесно.
Првото гласање по овој предлог на Комисијата се одржа зад затворени врати во Постојаниот комитет за растенија, животни, храна и добиточна храна на 13 октомври, но тогаш не беше обезбедено потребното квалификувано мнозинство за негово усвојување. И при тогашното гласање Франција беше воздржана.
– Ако нема промена во предлогот, нема причина да го смениме мислењето, изјави Фесно за Франс Инфо.
Пред изјаснувањето во октомври Франција соопшти дека се залага за намалување на употребата на глифосатот, но не и за негова целосна забрана.
– Ние сме единствената земја во светот која ја намали употребата на глифосатот за 30 отсто, истакна Фесно, додавајќи дека овој хербицид се користи во сите европски земји затоа што нема алтернативи за него.
Против предлогот на ЕК за продолжување на употребата на глифосатот во октомври се изјаснија Германија, Австрија и Луксембург, а се очекува да останат на тој став и при денешното изјаснување. Во таков случај, без поддршка од Франција, не ќе може да се обезбедат доволно гласови за усвојување на предлогот.
Во студија на Светската здравствена организација (СЗО) од 2015 година глифосатот беше оквалификуван како „веројатно канцероген“, а во ново италијанско истражување изложеноста на овој хербицид се поврзува со појавата на леукемија. Од друга страна, десетина регулаторни агенции, меѓу кои и Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА) сметаат дека ризикот оти глифосатот е канцероген е „малку веројатен
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.